Трудово право

Тимот за трудово право, воден од Адвокат Виолета Дангова, дава правни совети и застапување на кандидати за вработување и на работници. Нашите адвокати имаат соодветно искуство во поднесување на поднесоци од име на работници кои работат за медиуми, во финансискиот сектор, во јавниот сектор, во вооружените сили, во сметководство или пак за лица со раководни звања во сите индустрии.

Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје успешно има застапувано клиенти во повеќе области поврзани со трудот.

Барања за остварување на права на работниците врз основа на работен однос

Законите гарантираат голем број на права на работниците, кои може да побараат судска заштита во случај нивните права да се повредени. Нашите адвокати имаат искуство во застапување на клиенти во однос на:

  • заштита од неосновани причини за откажување на договорот за вработување од страна на работодавецот поради: одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање, родителство и нега на член на семејството, членство на работникот во синдикат, поднесување на тужба или учество во постапка против работодавачот заради потврдување на кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред државни органи и др.;
  • право на годишен одмор;
  • право на зарботувачка-плата;
  • право на надоместоци на плата, определени со закон и
  • уживање на посебна заштита за време на бременост и права поврзани со бременост, раѓање и родителство и сл.

Барања поврзани со еднакво плаќање на мажи и жени

На жените и мажите мора да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со повеќе прашања поврзани со трудот, како пристап до вработување, унапредување и стручна и професионална обука во работата, услови за работа, еднаква исплата за еднаква работа, работно време и др.

Нашите адвокати имаат искуство во застапување на клиенти кои тврдат дека за иста работа, со еднакви барања на работното место, биле исплатени помалку од работникот со спротивен пол.

Барања поврзани со дискриминација

Законот за работни односи, Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и Законот за еднакви можности на мажите и жените, содржат правна рамка за заштита на кандидатите за вработување и работниците од дискриминација. Општо, забрането е работодавачот да го става кандидатот за вработување или работникот во нееднаква положба поради разни дискриминаторски основи, како на пример, пол, возраст, здраствена состојба, инвалидност, религиозно или политичло убедување, членство во синдикати, статус на семејството, полова насоченост, имотна состојба или други лични околности.

Законите санкционираат различни форми на дискриминација. Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје брои адвокати со искуство во застапување на клиенти кои тврдат дека се жртви на дискриминација, како и адвокати со соодветна обука и меѓународно искуство во бранење на лица, кои тврдат дека биле дискриминирани на работа по разни основи, како што се:

  • Директна и индиректна дискриминација

Принципот на еднаков третман подразбира забрана на директна и индиректна дискриминација. Врз основа на Законот за работни односи, директна дискриминација се дефинира како постапување условено со некоја дискриминаторска основа, со кое лицето било ставено, се става или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи; индиректна дискриминација постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или пракса, го става или би го ставила во понеповолна положба кандидатот за вработување или работникот поради определено својство, статус, определување или уверување.

  • Вознемирување и полово вознемирување

Вознемирување и полово вознемирување се исто така форми на дискриминација. Под вознемирување се подразбира секое несакано однесување, предизвикано од некоја дискриминаторска основа која има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, а кое предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

Под сексуално или полово вознемирување се подразбира секое несакано однесување од полов карактер, изразено физички, вербално или на друг начин, а кои има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, и создава непријателска, заканувачка или деградирачка средина.

  • Психичко вознемирување

Психичко вознемирување (мобинг) спрема работникот е забрането со закон и издигнато на ранг на облик на дискриминација. Мобинг е секое негативно однесување на поединец или група, кое се повторува најмалку во период од 6 месеци и го повредува достоинството, угледот, интегритетот и честа на вработените лица. Создава непријателска, понижувачка и деградирачка атмосфера, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

  • Дискриминација на лица со ментална и телесна попреченост

Под дискриминација на лица со ментална и телесна попреченост се подразбира намерно оневозможување или отежнување на користење на правото на работа и правата од работен однос.

  • Повикување и поттикнување на дискриминација

Законот, исто така, ја забранува секоја активност со која некое лице директно или индиректно повикува, поттикнува или охрабрува друго лице да извршува дискриминација.

Барања поради дискриминација врз основа на возраст

Незаконски е работодавецот да дискриминира работник врз основа на неговата или нејзината возраст, освен ако работата бара да биде извршувана од лице со соодветна возраст или нееднаквото постапување е оправдано и пропорционално. Типични примери на дискриминација се:

  • да се има стереоптип кон одредени луѓе поради нивната возраст;
  • отпуштање на работник поради неговата возраст и
  • барање на минимален период на работно искуство за одредена работа, иако врз основа на природата на работата, тоа не е неопходно.

Законот ги заштитува кандидатите за вработување и работниците, без разлика колку време работеле. Во однос на нивната возраст, работниците може да имаат најмалку 15 години, под услов да не се опфатени со задолжително образование и да извршуваат работи кои не се штетни по нивното здравје и безбедност. Под услови определени со законот, дете под 15 години, може да учествува во активности кои со закон се утврдени дека може да ги извршува, но не подолго од четири часа дневно. Во однос на горната старосна граница за работа, работникот може да работи кај работодавецот до наполнување на 64 години и 15 години пензиски стаж. Ако не е определено поинаку во законот, на барање на работникот, тој или таа можат да работат до наполнување на 65 години.

Нашите адвокати успешно имаат давано правна помош и застапување пред органи поради тврдења на дискриминација врз основа на возраст. Исто така, имаат искуство во давање на правни совети околу прашањата поврзани со аплицирање за работа, усовршување, пензионирање и отпуштања од работа.