Семејно право

Поништување на брак

Според Законот за семејство бракот ќе се поништи ако се утврди дека при негово склучување постоеле брачни пречки, како: малолетство, брачност, крвно и вонбрачно сродство, склучување на брак под присила или заблуда или од лица со манифестна форма на душевно заболување или од лица кои заостануваат во менталниот развој, а припаѓаат во групата на лица со тешка или најтешка ментална заостанатост. Тимот адвокати по семејно право имаат успешно искуство, во име на еден од брачните другари, или физичко или правно лице кое за тоа има интерес, да поведат постапка за поништување на бракот.

Развод

Постапка за развод може да започне:

  • со заемна согласност на брачните другари;
  • по барање на еден од брачните другари ако брачните односи се до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив;
  • по барање на брачниот другар ако брачната заедница фактички престанала да постои повеќе од една година.

Постапката за развод на брак може да биде вознимирувачка и збунувачка. Адвокатите во Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје што работат во оваа област се искусни во давање на јасни и фокусирачки правни совети, секогаш прво сфаќајќи ја ситуацијата на клиентите. Исто така, нашите адвокати се обидуваат да ги решат семејните спорови на посреднички начин.

Сепак, кога е потребно водење на судска постапка, таквитe случаи се водат ефикасно и на одлучен начин.

Деца

Родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено од моментот кога едно дете е родено во брак. Тоа значи дека и двајцата родители имаат права и обврски кон децата, како издржување, грижа за нивниот живот и здравје, подготвување за самостоен живот и работа, грижа за нивно воспитување, школување и стручно оспособување. Во случај на несогласување на вршење на родителските права, решава Центарот за социјална работа.

Според Законот за семејство ако детето е родено надвор од брак мајката се стекнува со родителско право автоматски, додека таткото се стекнува со родителско право откако ќе го признае детето за свое пред суд, центар за социјална работа и матичар. Ова признавање произведува правно дејство и се запишува во матична книга само ако мајката на детето се согласи со тоа, а ако детето е постаро од 16 год. потребна е и негова согласност. Ако недостасуваат овие согласности, таткото може да поведе постапка за утврдување дека тој е татко на детето пред надлежен суд. На соодветен начин законските одредби за утврдување на татковство се применуваат и за утврдување на мајчинство.

Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје има долгогодишно искуство во застапување на странки во семејни спорови, како постапки за утврдување и оспорување на татковство и мајчинство, постапки за доверување на деца на чување и воспитување, постапка во спорови за издржување и др.

Од почетокот на 2013 год. Адвокатското друштво има соработка со ЛУЛКА Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца на начин што дава бесплатна правна помош и подготвува текстови повразни со правата и заштитата што ја уживаат бремените жени, мајки, родители и нивните деца согласно законските прописи во Република Македонија.