Водечки принципи

Водечките принципи за бизнис и човекови права: кое е вашето место?

Водечките принципи за бизнис и човекови права беа усвоени од страна на Советот за човекови права на Обединетите нации во јуни 2011 година. Тие ја разработуват Рамката на Обединети нации насловена како “Заштити, почитувај и надомести“, предложена од Специјалниот преставник на Генералниот секретар на Обединети нации до Советот во 2008 година. Трите столбови на Рамката се:

  • Обврска на државата да ги штити човековите права од повреди од трети страни, вклучувајќи и од претпријатијата, преку соодветни политики, регулативи и судство;
  • Корпоративна одговорност за почитување човековите права. Ова подразбира работење на компаниите преку примена на “due diligence“ стандардот, а со цел да се избегне повреда на правата на другите и превземање на мерки за спречување на активности кои би имале негативно влијание врз човековите права; и
  • Потреба од поголем пристап на жртвите до ефикасен, судски или вонсудски, правен лек.

Примената на Водечките принципи, кои се таканаречено “меко“ право, е универзална, како за државите, така и за компаниите, без разлика на нивната големина, сектор, локација, сопственост и структура. Иако се универзално применливи, овие принципи признаваат дека нема еден единствен пристап за тоа како препријатијата треба да ја исполнуваат нивната корпоративна одговорност за почитување на човековите права. Поточно овие Принципи бараат од претпријатијата да:

    • имаат полититичка посветеност за да ја исполнат нивната одговорност за почитување на човековите права;
    • применат “due-diligence“ процес во однос на идентификување и заштитување на човековите права, како и превземање на одговорност поради нивно кршење; и
    • употребат процеси за да ги намалат негативните влијанија врз уживањето на човековите права, што тие ги причинуваат или пак придонесуваат во нивното настанување.

Со цел да спроведе ефективен “due diligence” процес, Водечките принципи бараат од компаниите совесно да се ангажираат со интересентите, да ги применуваат елаборатите за проценка на нивно влијание и да превземат соодветни мерки, вклучувајќи и преку назначување на одговорни лица, со цел работењето на претпријатијата позитивно да влијаније врз човековите права на интересентите. Исто така, претпријатијата треба да ја следат ефикасноста на нивниот пристап во почитувањето на човековите права, користејќи квантитативни и квалитативни индикатори и повратни одговори од интересентите.

Истовремено со усвојувањето на Водечките принципи, Советот воспостави Работна група по прашањето на човековите права и транснационалните корпорации и други бизнис претпријатија, со широк мандат што се фокусира на ширење и ефикасна примена на трите столба на Водечките принципи.

Во 2013 година Работната група состави и употреби прашалник со цел да се утврди колкав е прогресот на ширењето на Водечките принципи во бизнис заедницата; да се идентификуваат мотивациите и предизвиците во нивната примена; и да се разбере каква подршка им е потребна на претпријатијата за да ја применуваат нивната корпоративна одговорност за почитување на човековите права.

Вкупно 153 претставници на бизнис заедницата беа опфатени со прашалникот. Главните заклучоци од анализата на прашалниците е дека мнозинството од претпријатијата се запознаени со Водечките принципи, преку разни извори: од други бизнис партнери, при ревидирање на нивното работење, или преку учество на разни настани. Ограничување на прашалникот е што претставниците на бизнис заедницата не претставуваат случаен примерок и многу веројатно е дека тие претходно биле запознаени или пак заинтересирани за агендата: бизнис и човекови права.

Подигање на свеста и интеграција, подобрување на механизмите за жалби, градење на одговорност во бизнисот во однос на почитувањето на човековите права и (особено за поголемите претпријатија) утврдување на ризиците се главните приоритети за претпријатијата во однос на примената на Водечките принципи. Од анализата на прашалникот се утврди дека скоро 3 од 5 претпријатија имаат јавна изјава за човекови права, додека 15% од претпријатијата имаат изјава за интерна употреба. Преминување од политика во пракса и интегрирање на компонентата на човекови права во бизнис односите се најголемите предизвици за претпријатијата.

Одделите за корпоративна одговорност или развој се водечките оддели кои се грижат за примена на Принципите. Половина од претпријатијата изјавиле дека активно работат на ова поле, преку подржување на кампањи за човекови права, подржување на иницијативата United Nations Global Compact, создавање на прирачници за човекови права за вработените и нивна обука, и др.

Во овој поглед, идентификувани се повеќе внатрешни и надворешни мотивациони фактори за интегрирање на човековите права во бизнисот, како создавање на компетативна предност; верување дека човековите права се компонента на ефикасно справување со ризици; заложба за почитување на човековите права преку Правила на однесување, и др.

Кое е вашето место на агендата наречена бизнис и човекови права? Дали имате политика за човекови права, кои се вашите предизвици и задолженија? Ваквите прашања стануваат особено релевантни во време кога во Обединетите нации започна дискусија за создавање на правно обврзувачки инструмент за бизинс и човекови права. Се надеваме дека текстов ќе делува мотивирачки на вас за да преиспитате дали, зашто и на кој начин може да ги обавувате вашите активности, а при тоа да ја исполнувате вашата корпоративна одговорност за почитување и заштита на човековите права. Цениме дека колку порано Водечките принципи станат алатка во работењето, толку подобро за вашиот бизнис и за интересентите.

Овој текст, со мали измени, беше објавен на веб страницата bi.mk.